ПОВТОРНО ЗАЕДНО ВО СКОПЈЕ: Хмирова тренер – Суслина спортски директор!

Тимот на ЖРК Атлетик ќе ја збогати Женската лига во наредната сезона, а во клубот ќе работат две легендарни ракометарки, дознава 24Ракомет. Во стручниот штаб на клубот ќе бидат некогашните вардарки, Татјана Хмирова и Ина Суслина. Директор на клубот е Ана Стојков, која исто така беше ракометарка на Вардар, а потоа и на повеќе раководни функции во машкиот и женски клуб Вардар. Хмирова ќе биде тренер, додека Суслина ќе ја извршува функцијата спортски директор.

Трите некогашни ракометарки заедно беа дел од тимот на Вардар, кога овој тим ги имаше најдобрите времиња и пет пати во пет сезони играше на завршните турнири во Лигата на шампионите, а два пати играше и во финалето.

Сега повторно се заедно во новиот проект ЖРК Атлетик, кој очигледно стартува со високи амбиции и ќе сака да испише убава страница во историјата на женскиот клупски ракомет во Македонија. Тој ќе биде седмиот женски ракометен клуб во Скопје, по Ѓорче Петров, Чаир, Шампион, Вардар, Металург Автокоманда и Спартак. Во меѓувреме во сениорска конкуренција веќе не е активен поранешниот шампион Металург, а Скопје е исфрлен од лигата откако си даваа „автоголови“ со Гевгелија.

Со доаѓањето на легендарната Суслина во 2012 година во Македонија започна проектот Вардар, а по завршувањето на играчката кариера Русинката остана да живее во Скопје, но од 2018 година беше надвор од ракометот. Претходно освен во татковината, каде играше за Ростов Дон, АГУ Адиф, Звезда Звенигород и Лада Тољати, бранеше со успех и за данскиот ГОГ Гудме.

Хмирова, која исто така е поранешна руска репрезентативка со одличја од големите натпреварувања, откако замина од Вардар играше во унгарскиот Шиофок, шпанскиот Тенерифе, а во актуелнава сезона беше дел од грчкиот Јонијас. Таа исто како и Суслина, формираше семејство во Скопје и остана да живее тука.

Покрај Суслина и Хмирова, според информациите на 24Ракомет уште многу познати имиња ќе бидат дел од приказната на ЖРК Атлетик, а допрва треба да се очекуваат и информации околу играчкиот кадар.

Нов клуб на македонската сцена – се роди ЖРК Атлетик!