ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: Ослабената Македонија на испит против засилената Србија

Женската репрезентација на Македонија пред неколку дена ги започна подготовките за бараж-двомечот со Полска за пласман на Светското првенство 2026.

За време на ЕХФ неделата, нашата репрезентација двапати ќе се тестира со Србија, која е осетно засилена со кам-бекот на Андреа Лекиќ, Катарина Томашевиќ, Драгана Цвијиќ и Катарина Крпеж.

Избраничките на Кристијан Грчевски првата контролка со нашиот северен сосед ќе ја имаат денеска со почеток од 17:00 часот, додека втората, која ќе биде од затворен тип, е закажана за 8 март од 13:00 часот.

Двете пријателски средби ќе се одиграат во српскиот град Бор, а Македонија нема да може да смета на Сара Ристовска и Јована Кипријановска, кои нема да настапат поради повреди.

Македонија и Полска првата пресметка ќе ја имаат во Кошалин на 9 април, додека реваншот ќе биде одигран на 12 април во спортската сала „Боро Чурлевски“.