Екипата на Вардар Неготино со голот на Илија Димов во последната секунда освои бод против Младост Богданци, 30:30 (13:17), во натпревар од 16. коло од Првата лига.
Иако гостите од Богданци беа доминантни во првиот дел, водеа и со седум гола разлика, сепак, домаќините се бореа до самиот крај и успеаја да извлечат реми.
Во домашниот табор одлична партија имаше Мирослав Митевски, кој постигна 13 погодоци, пет додаде Лазар Стојанов, а четири запиша Костадин Петров.
Кај Младост Богданци прво име беше Димитар Пеев со шест реализации, пет имаше Антонио Николоски.
Вардар Неготино и Младост Богданци веќе од порано си имаат обезбедено пласман во плејоф фазата.
Драчево, кој исто така ќе игра во плеј-офот, дојде до 9-та сезонска победа во Штип, откако славеше над Текстилец со 35:28 (16:13).
Победничката екипа беше предводена од Ѓорѓи Дука со десет погодоци, а во поразениот табор најефикасен беше Јован Атанасовски со седум погодоци.