Шампионот шампионски во Автокоманда – Ѓорче Петров со голем триумф!

Актуелниот шампион Ѓорче Петров во натпревар од 5. коло од плеј-оф фазата од Женската лига славеше на гостувањето кај Металург Автокоманда со 35:27.

Ѓорчепетровки до победа дојдоа со одличната игра во вториот дел, откако го преспаа првото полувреме и имаа негатива на пауза. Сепак, во второто полувреме постигнаа дури 22 погодоци, а примија 12.

Домаќинките беа повеќе од рамноправен ривал во првото полувреме, во кое на трипати имаа резултатска предност од плус два гола разлика, но во најголемиот дел резултатот беше нерешен.

Младата репрезентативка Марија Јанкуловска беше нерешлива енигма за гостинките во првите 30 минути, а на моменти погодуваа младите Кралева, Ѓошевска, Миновска…

Металург Автокоманда на пауза замина со предност од плус два, 15:13, а избраничките на Симе Симовски стартуваа според посакуваното во второто полувреме, најпрво израмнија на 15:15, потоа додадоа уште два гола во низа за комплетен пресврт, односно за водство од 17:15.

Составот на Дамчевска не се предаваше, но гостинот чекор по чекор се одлепуваше, во 45 минута дојде до 26:18 и веќе тука беше најавена победата на гостинскиот табор.

Најефикасни во победничката екипа беа искусните Ивана Дежиќ со девет и Есма Муратовиќ со седум погодоци, шест додаде Ана Вранчиќ, а по четири имаа Анастасија Николовска и Емилијана Ризоска.

Во поразениот табор единствено расположена беше Марија Јанкуловска, која зад своето има запиша 10 погодоци.