Лазаров околу селекторската иднина: Треба да ги оладиме главите и да размислиме…

Македонија го заврши својот настап на Мундијалот во Хрватска, Данска и Норвешка на 15 место и со пораз од Франција.

Селекторот Кирил Лазаров ја водеше Македонија на четврто големо натпреварување по ред. По ЕП 2022, СП 2023, ЕП 2024, тој беше предводник и на Мундијалот 2025.

Актуелното раководство на Ракометната федерација на Македонија заминува во март, а Лазаров потенцира дека допрва ќе се разговара за неговата иднина.

„За мојата иднина треба да видиме, да размислиме пополека. Треба да ги оладиме главите, да видиме што ќе се случува и како новите луѓе го планираат сето тоа. Јас имам своја визија и стратегија, доколку тие се заинтересирани ќе го кажам моето мислење. Секогаш сум бил тука за Македонија, во една или друга улога секогаш и ќе бидам. Секогаш ќе ја има Македонија мојата помош, само ќе видиме во каква улога. Многу пати сум бил тука кога било потребно, многу години, така е веќе две децении. Прво да ги сумираме впечатоците, да видиме што ќе се случува и потоа ќе донесеме заедничка одлука, без разлика кој ќе биде за најдоброто на македонскиот ракомет. Спортот обединува, особено ракометот бидејќи најмногу успеси“, изјави Лазаров.

Негов најголем успех е токму 15 место во Вараждин, откако претходно на ЕП 2024 Македонија заврши на 17 место, на СП 2023 Македонија беше 27-ма, додека на ЕП 2022, нашата селекција беше на 22-то место.