По 10.000 симулации: Еурофарм Пелистер речиси сигурен за осминафиналето на ЛШ!

Oваа недела продолжуваат натпреварите од 11 коло во Лигата на шампионите, а македонскиот првак Еурофарм Пелистер му гостува на Спортинг Лисабон во обид да ја продолжи позитивната серија.

ЕХФ направи 10.000 симулации во поглед на шансите за прогрес на екипите до завршниот турнир во Келн. Според досега одиграните натпревари и моменталната статистика, офанзивните и дефанзивните статистички показатели, беа направени табелите во двете групи.

Околу 70% се шансите на Еурофарм Пелистер да се пласира во осминафиналето на Лигата на шампионите, со тоа што би останал на шестата позиција на табелата, додека шансите за прогрес во четвртфинале се само 20%.

Покрај дуелот со Спортинг Лисабон, важен за битолчани ќе биде и оној во „Боро Чурлевски“ следниот викенд против Динамо Букурешт, додека во последните две кола, македонскиот тим гостува кај Фуксе Берлин и го пречекува ПСЖ.