Лазаров има нов помошник во репрезентацијата!

Стручниот штаб на селекторот Кирил Лазаров ќе биде збогатен за уште еден член пред настапот на Светското првенство 2025 во Хрватска, Данска и Норвешка. Новиот член на стручниот штаб веќе извесно време работи на исполнување на зададените задачи, пред се креирање на видео материјал за ривалите на Македонија, особено во првата фаза од СП.

Дали ќе седи на клупата за време на натпреварите, или пак ќе биде „човек во позадина“ ќе видиме кога ќе се играат пријателските натпревари. Станува збор за Наум Танески, некогашниот македонски репрезентативец, актуелен тренер на суперлигашот Струга и селектор на кадетската селекција на Македонија.

Танески ќе му биде асистент на Лазаров, тука е исто така и Билјана Црвенковска, како и тренерот на голманите Нинослав Павелиќ од Хрватска. Стружанецот порано беше во стручниот штаб на Раде Стојановиќ во младинската репрезентација, пред да стане селектор на кадетите кои ги однесе на ЕП 2024 и таму го освои 19 место.

Претходно за баражот за СП 2025 година во стручниот штаб на Лазаров беше Стојанче Стоилов, додека само Црвенкоска беше во улога на асистент за дуелите со Естонија и Литванија од квалификациите за ЕП 2026. Досега, од 2022 година па наваму, во стручниот штаб на Лазаров беа вклучени и Аце Јоноски и Бранислав Ангеловски, но само кратко. И Филип Миркуловски имаше кратка авантура како дел од стручниот штаб во време кога се уште играше, и сите очекуваа да биде сериозно вклучен во репрезентацијата. Во репрезентацијата го нема ниту Ице Соколески, кој беше тренер на голманите на стартот на селекторувањето на Лазаров, а беше заменет со Хрватот Павелиќ.

Македонската репрезентација утре го има првиот собир рано наутро во 07:30 часот, и веднаш заминува за Стара Пазова во Србја, каде ќе го одработи првиот дел од подготовките за СП 2025 и ќе остане до 30 декември. По слободните денови за празниците, подготовките продолжуваат во Македонија, а завршниот дел ќе биде во Хрватска, каде на 8 јануари ќе се одигра пријателски дуел со домаќинот во Вараждин.

Македонија е во група со Унгарија, Холандија и Гвинеја, а настапот го започнува на 15 јануари против Унгарија. Најдобрите три од групата продолжуваат во главната рунда каде ќе вкрстат со најдобрите три од групата во која се Франција, Австрија, Катар и Кувајт.