По четири години минати како тренер на голманите во младите категории во репрезентацијата на Катар, Петар Мисовски поранешниот репрезентативен голман на Македонија ќе остане во Доха, но ќе има нов предизвик – ќе биде дел од стручниот штаб на Духаил, еден од најдобрите екипи во таа земја.
Актуелниот освојувач на Купот на Емирот во Катар и тим кој последните девет години постојано освојува трофеи во Катар, го побара Мисовски да биде дел од нивниот стручен штаб и да биде задолжен за формата на голманите во сениорката екипа.
Поранешниот репрезентативец на Македонија кој зад себе има и интернационална кариера пред да замине во Катар во 2021 година, работеше во Металург исто така тренер на голманите, и заедно со Лино Червар кога Металург играше во ЛШ и СЕХА лигата. Работата и резултатите му донесоа бројни препораки, па така и најдобриот катарски тим му понуди да биде дел од нивниот стручен штаб.
Духаил е речиси „тим-репрезентација“ и во него има 12 репрезентативци на Катар кои во јануари ќе играат на СП во Пореч, Хрватска. Во тимот главни ѕвезди се Капоте, Мададаи и Токуда, а Духаил го брани освоениот Куп на Емирот, најценетиот трофеј во Катар. Тренер на екипата е Горан Ѓокиќ.
Тимот ќе настапи на Азиското клупско првенство кое следниве десетина дена ќе се игра во Доха, како претставник на Катар, заедно со тимот на Ал Рајан. На 17. азиско клупско првенство ќе играат вкупно 10 екипи, од Катар, Ирак, Кувајт, ОАЕ, Саудиска Арабја, Оман, Бахреин и Иран.
Мисовски во својата играчка кариера има настапувано за екипите на Пелистер, Пролет, Вардар, Металург, а има играно и во Данска, Шведска, Норвешка, Хрватска, Турција и Словенија. Како играч има освоено 5 првенства и Куп трофеи во Македонија, и плус 1 Куп со Металург како тренер во 2019 година, победувајќи го Вардар во финалето.