24Ракомет дознава: РФМ ги исфрли Скопје и Гевгелија од лигата!

|
17:53

Ракометната федерација на Македонија донесе одлука за последниот меч одигран меѓу Скопје и Гевгелија во рамките на Купот на Македонија. Дисциплинската комисија на македонската куќа на ракометот ги исфрли двете екипи од системот на натпреварување, дознава 24Ракомет.

Казна има и за одговорните лица во двата клуба. За ваквата одлука се известени и клубовите, а покрај исфрлувањето на сениорските екипи, сите останати селекции на Скопје и Гевгелија, ќе бидат исклучени од младинските конкуренции за сезоната 2024/25.

Веројатно утре РФМ ќе ја потврди одлуката и ќе објави детали за членовите според кои е донесена ваквата одлука. Дисциплинците на РФМ реагираа веднаш по скандалозниот натпревар одигран во саботата во Купот на Македонија, кој Гевгелија го доби против Скопје со 17-16, а ракометарките си постигнуваа автоголови, со цел да не победат.

Тоа значи дека во плеј-аутот на Женската лига, каде што требаше да играат Скопје и Гевгелија ќе останат само седум екипи, кои од декември ќе го стартуваат ова натпреварување, а двете екипи нема да го одиграат ниту последното коло од регуларниот дел.

Нов доказ за квалитетот – Николов и Начевски ќе судат на СП 2025

Автор: Душко Андов
| 14 ноември 2024
11:10

Најдобрите македонски судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски ќе бидат дел од Светското првенство 2025 година во Данска, Норвешка и Хрватска.

Светската ракометна федерација ги објави официјалните лица за Мундијалот, а меѓу нив се најде и македонската двојка.

Николов и Начевски зад себе имаат одработено многу големи натпреварувања  – ЕП, СП и ОИ, а судеа на финалиња на сите.

Номинацијата на СП 2025 е уште еден доказ за нивниот квалитет, а покрај Николов и Начевски, на Мундијалот ќе судат уште 23 двојки од целиот свет.

Освен Николов и Начевски, Македонија ќе биде претставена од ракометарите кои ќе играат во групата во Вараждин со селекциите на Унгарија, Холандија и Гвинеја.

Аџиќ избра за ЕП – почнува ерата на Словенија без Грос, Лазовиќ, Мавсар…

Автор: Душко Андов
| 12 ноември 2024
12:31

Селекторот на женската репрезентација на Словенија, Драган Аџиќ, го објави скратениот список на ракометарки за Европското првенство во Унгарија, Австрија и Швајцарија.

Аџиќ ќе смета на 20 ракометарки, од кои најголем дел беа во акциите во ЕХФ неделите во септември и октомври.

Ова ќе биде прво големо натпреварување за Словенија, откако кариерата по ОИ ја заврши Барбара Лазовиќ, а на репрезентативните кариери крај им ставија и Ана Грос, Амра Панџиќ и Тамара Мавсар.

Словенечкиот селектор нема да смета ниту на Елизабет Омореги, која се опоравува од повреда, а на списокот ги нема ниту Валентина Клеменчиќ и Нина Зулиќ.

Словенија е во група со Словачка, Австрија и Норвешка, а натпреварите од ЕП 2024 ќе ги игра во Инсбрук.

Полска со Кобилинска, Горна и Росијак…по изненадување на ЕП

Автор: Влатко Мирчески
| 12 ноември 2024
21:10

Селекторот на женската сениорска репрезентација на Полска, Арне Сенстад, го објави списокот на ракометарки за Европското првенство во Унгарија, Швајцарија и Австрија.

Полскиот селектор за континенталниот собир ќе смета на 18 ракометарки, меѓу нив се и искусните –  Моника Кобилинска, Адријана Горна и Александра Росијак.

Полска на Европското првенство во групната фаза ќе игра против репрезентациите на Франција, Шпанија и Португалија.

Сенстад ќе треба да направи добра тактика, особено за натпреварите против Шпанија и Португалија, бидејќи Франција е голем фаворит во групата Ц.

Избраничките на Сенстад токму против Франција ќе го одиграат првиот натпревар на континенталниот собир.

Хрватите одредија термини – еве кога Македонија ќе ги има последните тестови пред ЕП

Автор: Душко Андов
| 12 ноември 2024
10:44

По двете пријателски средби со Австрија, како и настапот на „Трофеј Карпати“ во Романија, женската репрезентација на Македонија ќе има уште две проверки пред настапот на Европското првенство во Австрија, Швајцарија и Унгарија.

Дамите ќе бидат дел од силниот „Кроација Куп“, што ќе се одржи во Хрватска од 22 до 24 ноември во градот Пореч.

Покрај Македонија и домаќинот Хрватска, на овој турнир ќе настапи и селекцијата на Србија, па ќе имаме балкански проверки пред континенталниот собир.

Домаќинот ги одреди термините за трите средби. На 22 ноември од 16:00 ќе играат Хрватска и Македонија, на 23 ноември во истото време на програмата е мечот на Македонија и Србија, додека Хрватките и Србинките ќе играат на 24 ноември во 16:00 часот.

Македонија е во група со Унгарија, Шведска и Турција, а првиот натпревар на ЕП, избраничките на Кристијан Грчевски го играат против Шведска на 28 ноември.

🎥 Атрактивната вртенка на Пешевски во ТОП 5 голови во евро-квалификациите

Автор: Душко Андов
| 11 ноември 2024
15:51

Maшката репрезентација на Македонија загуби во второто коло од квалификациите за ЕП 2026 кај Литванија со 29-27.

Мала утеха за неочекуваниот пораз е тоа што еден од погодоците се најде во изборот на ТОП 5 голови на колото од евро-квалификациите.

Голот е дело на кружниот напаѓач Жарко Пешевски, кој го постигна со вртенка кон средината на второто полувреме од мечот во Виљнус.

Македонија претходно го доби домашниот натпревар против Естонија со многу мака, но и покрај поразот од Литванија останува со големи шанси да се пласира на ново ЕП.

Покрај голот на Пешевски, место во ТОП 5 голови на колото имаше и за Варик од Естонија, Митал од Словачка, Божовиќ од Австрија и Мин од Франција.

Погледнете…

 

View this post on Instagram

 

A post shared by EHF EURO (@ehfeuro)