Македонија со пораз од Швајцарија го заврши „Трофеј Карпати“

По поразите од Романија и Словачка, женската репрезентација на Македонија загуби и од Швајцарија со 27-22 во третиот натпревар од силниот „Трофеј Карпати“ во романскиот град Клуж.

Слабиот процент на реализација од девет метри, 3/13 на Седлоска, Кипријановска и Јанкуловска, беше една од причините за поразот, иако голманката Мицевска запиша осум одбрани од 23 шута, со солиден процент на успешност.

Отворија Швајцарките со 3-0, беше и 10-5, но по тајм-аутот на Грчевски, нашите ракометарки се вратија до паузата на минус два, 14-12. Во второто полувреме Кипријановска израмни на 15-15, но потоа следуваше лоша серија на Македонија.

Промашија Џатевска и Гакидова, згреши и Јанкуловска, па Швајцарија се одлепи на 20-16 и до крајот успеа само рутински да ја доврши средбата. Шанса за настап добија Анчева, Дукоска, Коларовска, Диневска, Коцева…

Дамјановска и Ристовска беа најдобри стрелци во македонскиот состав со по пет голови без ниту едно промашување. Следен предизвик и последен тест за Македонија ред настапот на ЕП 2024 ќе биде настапот на „Кроација Куп“.