Охрид елиминиран од Европа

Тимот на Охрид е елиминиран од Европскиот Куп, откако на реванш дуелот кај Потаиса Турда загуби со 39:29 во рамки од втората рунда во третото по ранг европско клупско натпреварување. На првиот натпревар „гладијаторите“ триумфираа со шест гола разлика, 31:25. Нерешлива енигма за македонскиот тим беше Кристијан Гита, кој им даде дури 15 погодоци!

Домашниот тим во воведниот дел поведе со 2:0, а Охрид првиот гол на натпреварот го постигна преку Ојлески во 5 минута. Следуваше период, во кој се играше гол за гол, па така по десет минути игра резултатот беше 5:5. По 15 минути, односно по нерешените 6:6, домаќините реализираа два пенали во низа и дојдоа на максималната предност од воведниот дел, поведоа со 8:6.

Од тој момент Потаиса Турда имаше контрола на играта, избраниците на Стевче Алушовски во уште три наврати се враќаа во игра (9:9, 10:10, 11:11), а по 30 минути игра предноста на домаќините беше плус три, 17:14.

На стартот на вториот дел домаќините со два гол во низа зголемија на 19:14 и за десет минути игра дојдоа до посакуваните лус седум, 24:17. Охрид никако не можеше да заигра на подобро ниво, во 48 минута имаше негатива од минус десет, 30:19, и тука беше јасно дека македонскиот тим ќе има тежок предизвик.

Охриѓани во последните десет минути влегоја со негатива од минус девет, 30:21, а домаќинот во завршниот дел успеа да ја одржи стекнатата предност и да обезбеди пласман во третата рунда од Европскиот Куп.

Најдобри стрелци во тимот на Охрид беа Ојлески и Орјоникидзе со по пет погодоци, додека голманското трио на македонскиот тим имаше 11 интервенции.

Во третата рунда од Европскиот Куп пласман обезбеди тимот на Кире Лазаров, откако рутински си ја заврши задачата на реваншот против Драгунас, триумфираше со 37:31 (21:17).