Шампионот Ѓорче Петров забележа нова победа во Женската лига, откако славеше на гостувањето кај Деспина во Прилеп со убедливи 32-17.
Во првиот дел прилепчанки диктираа темпо, имаа контрола на резултатот, а во еден момент водеа и со пет гола разлика, 8-3, а голманката Чурлиновска бранеше одлично.
По тајм-аутот на Симовски, „лавиците“ заиграа поангажирано, полека почнаа да ја топат негативата и до паузата поведоа за првпат, 12-11.
Вториот дел го одиграа практично без грешка, одбраната беше на ниво, и прими само шест погодоци, а домаќинките немаа сили да парираат на разиграниот шампион.
Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Дежиќ, Муратовиќ и Кадиату со по шест гола, додека кај Деспина се истакнаа Цветкоска и Гичева со по пет погодоци.