Тимот на Куманово ја запиша втората сезонска победа во суперлигашкото друштво, откако славеше на гостински терен кај новиот член на елитата Бисинов, со пет гола разлика, 30-25.
Творци на победата беа искусниот голман Стефан Кимевски, кој запиша 11 интервенции, како и младинскиот репрезентативец Давид Димевски, кој со 12 гола беше нерешлива енигма за „овоштарите“.
Велешани водеа со пет погодоци во првиот дел, 11-6, но влегоа во една „црна дупка“ во нападот, сите грешки им беа казнети од страна на Куманово и гостите за кратко време израмнија на 11-11.
Во вториот дел гостите поведоа со два гола, 15-13, потоа и со три, 21-18, а до крајот без особени проблеми успеаја да го задржат водството и да не му дозволат на домаќинот да направи камбек во натпреварот.
Покрај Димевски, во составот на Куманово, се истакна и десниот бек Винисиус со осум погодоци, додека кај велешкиот тим, Илиев и Ончев имаа по шест реализации. Во следното коло, Бисинов му гостува на Охрид, додека Куманово ќе ира дома против шампионот Еурофарм Пелистер.