Оваа недела поголемиот број репрезентации ги имаат првите собири за време на ЕХФ неделата, а дел од нив ќе одиграат и пријателски натпревари како проверка на силите за настап на Европското првенство 2024.
Србија е една од првите репрезентации која се собра за ЕХФ неделата, но во некомплетен состав. Имено, повиканите ракометарки од Црвена Ѕвезда, екипа која атакува на висок пласман во српскиот шампионат, од непознати причини не се појавиле на собирот.
На списокот кај селекторот Урош Брегар, кој дел од својата тренерска кариера ја има поминато во Вардар, се најдоа шест ракометарки од Црвена Ѕвезда, првите четири – Теодора Величковиќ, Александра Стамениќ , Теодора Мајкиќ и Тијана Симиќ, не се појавиле на собирот, а ниту нивниот клуб ја информирал српската ракометна куќа.
Преостанатите две ракометарки од амбициозниот клуб – Миа Недељковиќ и Исидора Богуновиќ пристигнале на собирот во Стара Пазова. Селекторот Урош Брегар за српските медиуми даде свое видување за настанатата ситуација.
,,По пристигнувањето а собирот видов дека не дојдоа сите ракометарки кои требаше да бидат. Освен што не се појавија, не ни се јавија, што ми е невидено кога зборуваме за односот кон репрезентацијата. Ниту клубот е во прашање, ниту нешто што е нивен индивидуален настап за таквото однесување”, изјави Брегар за српските медиуми.
Според правилникот на РСС за репрезентации, казната за играчите кои без оправдани причини нема да одговорат на поканата за националниот избор, на натпревари или подготовки, е забрана за настап на најмалку пет натпревари или парична казна од најмалку 500.000 динари. Исто така, доколку клубот поради некоја неоправдана причина не дозволил играчот да дојде на собирот, ќе биде казнет со 2 милиони динари и ќе му бидат одземени пет бода.