Вардар е победник на 3. издание на турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид откако во македонското финале го победија Алкалоид со 25-23 (15-9). За “црвено-црните“ ова е прво учество и прв триумф. Истовремено и прв освоен турнир пред почетокот на сезоната. Со две различни полувремиња, и драма на крајот од мечот, екипата на Владо Недановски на крајот заслужено се радуваше.
Брзото водство на Вардар од 5-1 и тајм аутот на Кирил Лазаров веднаш откако Хансер Родригез во контра реалиизраше, беше најава за расположените вардарци на финалето. Одбраната на „црвено-црните“ делуваше гранитно, и она што најчесто поминуваше на многу од натпреварите, пробивањето меѓу играчите сега беше стопирано.
Марко Митев не можеше да влегува како што вообичаено сме навикнати да го видиме, и единствено изнуди два пенали, но не погоди нуту еднаш во првиот дел.
Нема „сините“ решение за Димитри Горига кој постигна пет гола во првите 30 минути, па и за голманот Мигуел Еспиња кој имаше шест одбрани. Во 10 минута Васил Гогов го одбрани пеналот на Никола Костески, а потоа и уште две топки. Вардар потоа поведе со 8-2 и само продолжи да ја полни мрежата на „домаќинот“.
Највисокото водство вардарци го имаа во 17 минута кога првпат поведоа со „плус 8“ за 11-3. Високото темпо што го наметна „црвено-црните“ држеше до 20. минута. Потоа концентрацијата падна, се направија некои измени во нападот и одбраната и се намали и разликата. Во тој период и Марко Кизиќ имаше три успешни одбрани, а тимот од Автокоманда намали на 9-14. Димитри Горига со гол зголеми на 15-9.
Ако Вардар мислеше дека работата е веќе завршена, така не мислеше противникот. Со серија од три гола по ред за само три минути намалија на 12-15, враќајќи ја неизвесноста на натпреварот. Вардар возврати со иста мерка и пак имаше предност од шест гола, за 18-12.
За разлика од рпвото полувреме, сега Вардар не изгледаше така убедливо и прецизно. Тешко се доаѓаше до чиста ситуација за гола, а Кизиќ имаше три одбрани плус еден седмерец. Предноста на Вардар се топеше, па намалија на 16-19 во 45 минута. Имаше Алкалоид можноста да дојде и на два гола, ама топката заврши во стативата зад голманот Еспиња.
Тоа што дотогаш не им успеа дојде во 49 минута кога Серафимов намали на 18-20. И во последните десет минути од мечот се влезе со таа предност од два гола, што ветуваше голема неизвесност. Резултатот се намали до 20-21 во 52 минута, а потоа Горига со седмиот гол зголеми на 22-20. Голманот Еспиња со „кунгфу“ одбрана на контрата на Митев не дозволи намалување, а потоа капитенот Гоце Георгиевски од својата позиција даде гол за водство 24-20.
На 150 секунди до крај на мечот Лазаров го бара својот последен тајмаут со надеж дека ќе успее д анаправи пресврт. Неговиот тим е во напад, а резултатот 24-21 за Вардар. Наместо изработена акција тие се обидоа со цепелин да дадат гол кој не успеа. Потоа брзоплето одиграа и двата тима, а времето течеше.
Двете екипи ќе играт меѓусебе и во првото коло од првенството, а тој меч ќе се игра во Автокоманда на почетокот на септември.