Пред почеток на Собранието на РФМ закажано за утре од 12 часот, Натпреварувачката комисија ги закажа и вообичаените Конференции на клубовите. Место каде се разгледуваат состојбите во текот на првенството, проблемите, се разговара за новините и каде клубовите би требало да ги кажат своите ставови и предлози. Ако некој има такви предлози, забелешки и поплаки тоа ќе треба да го стори за 45 минути.
Толку е предвидено да траат овие состаноци, каде најверојатно се ќе се „претресе“ со брзање. Едноставно ќе се гледа се да помине побрзо, за да може следниот состанок да почне навреме, за да се стигне и Собранието да почне навреме. Се набрзина.
Набиената агенда на клубовите ќе овозможи што повеќе клубови да бидат дел од Собранието, за да се обезбеди кворум. Според најавените термини, за секоја лига ќе има само по 45 минути. Ќе стартуваат прволигашите во 09:30 часот, од 10:15 часот ќе се соберат одговорните на женските клубови, додека од 11:00 часот ќе дискутираат претставниците на суперлигашките екипи.
Дневниот ред е ист за сите – извештај за претходната натпреварувачката сезона, натпреварувачките календари за сите лиги, како и систем и рокови за регистрација на играчи плус точка разно. Ама ниту еден клуб нема добиено материјали за кои би можел да се изјасни, да даде предлог. Поканата е едноставно само со дневен ред, но без материјали. Тие ќе се поделат на состанокот, па прашање е кој колку време ќе има да ги разгледа и да најде забелешка. Најважното е брзо се да се усвои.
Сезонава РФМ сама го смени системот на натпреварување кај жените, па наместо една лига како лани сега прво ќе се игра во три групи по пет екипи. Многу екипи првично се побунија, ама брзо беа „убедени“ дека тоа е исправниот систем. Иако промена на систем носи само Собранието на РФМ и тоа една сезона однапред.
И лани слично се случи кога беше сменет системот кај мажите. Првично не помина предлогот за А и Б лига, па УО доби дозвола да направи предлог, но наместо тоа во јануари беше донесен нов систем за кој клубовите не беа консултирани и беа само информирани по електронска пошта.
Сега најверојатно ќе има промена во „5 до 12“ и на системот во Првата лига. Иако беше најавено учество на 18 екипи, извршена ждрепка и поделба во две групи, најверојатно утре ќе биде потврдено дека нема да играат уште некои екипи, па ќе останат помалку од најавените и ќе се игра по лигашки систем, односно секој со секого без плеј-оф и плеј-аут. Ќе треба дополнително да биде извршена и нова ждрепка со нови натпреварувачки броеви, а сето тоа ќе го одложи и најавениот старт на Првата лига во третиот викенд од септември.
Како што вообичаено поминуваат Собранијата на РФМ, брзо, ефикасно, едногласно и без забелешки, така би требало да биде и утре. И конференциите на клубовите, и потоа сите заедно со ресторан да ја прославата успешноста на сотаноците.