Тимот на Бутел Скопје има изменет лик во однос на минатата сезона и донесе повеќе млади ракометари пред стартот на новата сезона.
Ростерот на Бутел Скопје е засилен со пивотите Драган Шољиќ и Матеј Новаковски, левите бекови Хусеин Кадах, Теодор Тодески и Тодор Узунчев, средниот бек Леонид Киселовски, како и десните бекови Мартин Петровски и Димитар Узунчев.
Тренерот Горан Кузманоски вели дека со добра работа и добра хемија, тимот ќе има добра сезона.
„Со раководството на клубот по крајот на минатата сезона, заедно одлучивме да ја задржиме базата и тие тројца-четворица играчи заедно со голманите да бидат носители на играта. Донесовме еден искусен пивот што ќе ни помогне многу по заминувањето на Јефтиќ, бидејќи не сакаме таа позиција да биде ослабена. На другите позиции земавме млади и неискусни играчи во играње на плеј-оф. Се надевам дека ќе бидат гладни за успех, ќе им дадеме шанса да се докажат, да играат во клуб кој им дава шанса на младите. Сега имаме играчи во просек од 20-21 година, но целта останува да ни биде влез во плеј-оф. Со добра хемија и добра работа ќе имаме добра сезона“, вели Кузманоски.
Бутел остана без одличниот дефанзивен двоец, но Кузманоски вели дека ќе се обиде да формира друга двојка за добра одбрана.
„Јефтиќ и Стојановски функционираа долго време заедно, а сега имаме нови играчи, што досега не играле заедно. Затоа почнавме со тренинзи малку порано за да се вклопат, да се запознаат меѓусебе, не само на терен, туку и приватно, за потоа да биде полесно. Очекувам Шољиќ да биде носител на одбрана, заедно со Тодески и Египќанецот Валид, за да не се почувствува таа празнина по заминувањето на двоецот Јефтиќ-Стојановски“, продолжи Кузманоски.
Целта на стратегот и на клубот останува пласман во битката за титулата.
„Нашата цел е секогаш плеј-офот, иако годинава е намалена лигата на 12, и таму се пласираат шест екипи. Ќе биде потешко, но не бегаме и не бараме алиби затоа што имаме подмладена екипа од претходната екипа. Нема да не интересира никој друг, освен нас, ќе го градиме тимот чекор по чекор. Закажавме контролни натпревари пред стартот на сезоната, да се воиграме и да ја завршиме сезоната со пласман во плеј-офот. Тоа би било успех“, заврши Кузманоски.
Бутел ќе тренира во салата „Антон Димитров“, а ќе одигра осум натпревари пред официјалниот старт на Супер лигата. Најпрво две средби со Вардар, потоа со Врање и Куманово, како и два меча во Србија. Кон крајот на август, Бутел Скопје ќе игра на меморијалнот турнир во Ѓаково, кој се игра во чест на Денис Тот.