Од Автокоманда и тргна европската кариера: Кристина Лишчевиќ ја игра последната сезона!

Поранешната српска репрезентативка Кристина Лишчевиќ објави дека ја игра последната сезона во кариерата.

Таа е ракометарка на романскиот тим Дунареа Браила, каде ќе ја заврши богатата клупска и репрезентативна кариера.

Лишчевиќ со настапите за Металург во Македонија и во европските купови се проби на европската сцена и направи трансфер во францускиот Мец.

„Ова ми е последна година играјќи ракомет, спортот за кој живеам, кој ми донесе многу адреналин, уживање, тага, среќа…во ист момент сум и тажна и среќна“, напиша меѓудругото Лишчевиќ на социјалните мрежи.

Таа потекнува од Сомбор, а пред да дојде во Македонија играше за Црвена Ѕвезда. По Металург и Мец, патот ја водеше во унгарските Вац и Кишварда, руските Астраханочка и Кубан Краснодар, данскиот Есбјерг, потоа романската Валчеа и од 2022 игра за Дунареа Браила.

Со српската репрезентација играше на многу големи натпреварувања, а има освоено сребро на СП 2013.