За младинската репрезентација на Македонија остана уште натпреварот за 9 место на Европското првенство во Словенија, но полека почнуваат да се сумираат импресиите по настапот.
По седум одиграни натпревари, Македонија ја има најдобрата одбрана на континенталниот собир, а многу веројатно така ќе остане и по последниот натпреварувачки ден во Целје.
Македонската одбрана на чело со Иван Галевски и Давид Брестовац прими само 168 голови или во просек по 24 на натпревар.
Двајцата македонски голмани, помогнати од играчите во дефанзива, имаат повеќе од 30% одбранети удари (Галевски 34,5%, Брестовац 31,4%).
Втора најдобра одбрана има Австрија со примени 177 гола, Германците имаат примено 183 погодоци, а во ТОП 5 се уште и Португалија со 184 и Шведска со 185 гола.
За Македонија останува да го одигра уште натпреварот против Франција, утре од 14:20 часот во Целје.