Новиот систем на ЕХФ за првенствата во младинските категории за некого е „мајка“, а за некого е „маќеа“. Македонија е меѓу двете селекции што останаа непоразени на Европското првенство за младинци во Словенија, заедно со Португалија, но и покрај тоа не се бори за одличја, туку за пласман.
Генерацијата што ја предводи Раде Стојановиќ игра на трето големо натпреварување во серија, по кадетскиот ЕХФ шампионат 2022 во Летонија и кадетското СП 2023 во Хрватска, а ќе ја гледаме и на четврто во серија, откако беше обезбедено место на СП 2025 за младинци во Полска.
Успехот е поголем бидејќи тргнаа од Б дивизија, односно од ЕХФ шампионат, лани на Мундијалот покажаа дека можат против сите европски селекции, а оваа година лошиот систем и судиски одлуки на македонска штета на клучниот натпревар со Австрија, го уништија сонот на оваа генерација да се бори за полуфинале на ЕП.
Австријците имаат дуел „еден на еден“ со Португалија за место во ТОП 4 на ЕП, а Шпанија ако слави против Исланд исто така ќе биде полуфиналист. Освен Португалците, кои досега имаат едно реми и четири победи, Македонија е втората селекција што досега нема загубено на континенталниот собир.
За Македонија претстојат уште три средби. Утре на пладне е првата против Франција, а потоа в петок и недела уште два меча против Хрватска, Словенија или Унгарија за конечен пласман на Европското првенство.