Младинците на Македонија со победа над Полска со 28-26, го стартуваа во разигрувањето за пласман од 9 до 16 место на Европското првенство во Словенија. По добриот старт на момците на Стојановиќ и водството со плус четири, Полска се врати во егал, дури успеа и да поведе, но Димевски донесе водство за Македонија на паузата, 15-14. Кон средината на вториот, нашите ракометари ја направија клучната предност, стигнаа до плус шест, потоа Полска успеа да стопи дел од негативата, но немаше време за нешто повеќе и триумфот остана за Македонија.
По два промашени напади на двете страни, Полјаците први поведоа преку десното крило Камински, а истиот играч искористи уште една македонска грешка за 2-0. Потоа Македонија заигра подобра одбрана, Галевски одбрани два удари, ривалот доби и казна од по две минути, па по десет минути игра нашите младинци направија комплетен пресврт и поведоа со 5-2.
Беше и 6-2, па противничкиот стратег мораше да бара тајм-аут. Се доближија противниците на минус два, потоа се играше гол за гол, но и со по неколку грешки во серија на двете страни. Карасманакис погоди два пати, но потоа и промаши два пати, па Полска успеа да намали на 10-9 по дваесетина минути игра.
Македонскиот напад не беше толку убоит потоа, Калајџиески беше исклучен и ривалот успеа да го врати натпреварот во егал, 11-11. Потоа Полска успеа и во водство да се врати, водеше со 14-13, но избраниците на Стојановиќ одлично се одбранија, потоа пресекоа уште една топка и со голот на Димевски во последните секунди, Македонија замина на пауза со плус еден, 15-14.
Узунчев погоди на стартот на вториот дел, се надоврза и Брестовац со одбрана, а Митев казни за плус три за Македонија, 17-14. Имавме прилика и за плус четири, но не беше искористена. Потоа искучени беа Марио и Андреј Стојановски, и противникот го искористи тоа да врза две гола во серија и преку Миелчарски намали на 18-17.
Потоа Македонија го започна победничкиот танц. Полскиот напад беше неутрализиран, Субашевски реализираше пенал по стартот на Миелчарски, кој доби трето исклучување и црвен картон, погодуваа Митев и Калајџиески, па нашите момци стигнаа и до плус пет, 23-18. Беше и плус шест, 26-20, а потоа се беше полесно. Полјаците успеаја да ја преполоват негативата, но немаа време за нешто повеќе и победата остана за Македонија.
Калајџиески, Митев и Узунчев имаа по четири погодоци на овој натпревар, додека по три пати реализираа Субашевски и Карасманакис. Голманите Галевски и Брестовац искомбинираа десет одбрани. За Македонија утре од 12:00 следува пресметка со Романија, додека на 18 јули во истото време ќе играме против фаворитот Франција.