Еден од ретките македонски селектори што директно ја однел женската сениорска репрезентација на Македонија на големо натпреварување, Кристијан Грчевски, ќе седи на клупата и на следното ЕП 2024 година во Унгарија, Австрија и Швајцарија каде ќе настапиме и ние. Ќе ја води селекцијата и ќе се обиде да направи чекор плус со генерацијата каде нема ѕвезди и каде тимот е најсилното оружје.
Македонија ќе игра во Дебрецин, Унгарија и во група сме со Шведска, Унгарија и Турција. Само првите две репрезентации ќе продолжат во главната фаза. Македонија нема освоено бодови на ЕП од 2008 година кога имавме три победи, едно реми и два порази и го освоивме седмото место.
По успешните квалификации и пласманот на ЕП 2024, Ракометната федерација на Македонија му понуди нов договор на Грчевски, но на краток рок од само шест месеци! Наместо со Грчевски да се работи на подолги патеки, па да се размислува како да се задржи, надогради и унапреди се што е дотогаш направено, тој ќе биде концентриран на својата работа само шест месеци, до крајот на 2024 година.
Малку несфатливо, што федерацијата која има меѓу најголемите буџети не сака да вложи во стручниот шатб со кој го постигна успехот, и да го продолжи успехот, а притоа не менува ништо во машката репрезентација каде четири години немаме напредок, особено на завршните турнири.
Во последните 12 години Грчевски е единствен што успеал да ја однесе Македонија на женско ЕП преку квалификации. Последен пат игравме на ЕП 2012 во Србија кога селектор беше Гино Стрезовски и тогаш Македонија направи изненадување во квалификаците победувајчќи ја големата Франција. Оттогаш се менуваа селектори, се менуваа играчи, но ниту еден не стигна до целта. Фалеа сантиметри, кои изгледаа како километри, а РФМ немаше сенс да издржи и да му даде поддршка на ниту еден селектор. Сите беа за кратка употреба.
Македонија играше на ЕП во 1998, 2000, 2006, 2008, 2012 и 2022. Двапати бевме домаќини, во 2008 и 2022, а најдобриот пласман го имавме токму во 2008 година кога бевме седмопласирани.