Стоилевски: Со победа против Пролет ќе биде запечатено нашето место во Европа

Ракометарите на Охрид, откако доживеаја два порази во серија, дома го пречекуваат тимот на Пролет, во рамки на 12. коло од плеј-офот во Суперлигата.

Десното крило, Никола Стоилевски, очекува тој и неговите соиграчи да покажат добра игра и да се вратат на победничките патеки.

„Пролет е екипа која не треба да се потцени. Ова е плеј-оф, сите екипи се добри, сите имаат квалитетни играчи, така да треба добро да сме подготвени и за овој дуел. Мислам дека добро ги имаме анализирано и сме спремни да освоиме три бода. Клучна ќе биде нашата игра во одбрана и нашата контра и полуконтра“, вели десното крило на Охрид.

Стоилевски додава дека и покрај двата порази, атмосферата во екипата е на високо ниво и сите остануваат фокусирани на последните натпревари од плеј-офот.

„Забележавме два порази во серија, но тоа воопшто не ги поремети нашите планови. Мислам дека со победата што ќе ја оствариме против Пролет ќе биде запечатено нашето место во Европа. Ги повикувам „Рибарите“ и сите останати да ни бидат наш ветер во грб и сите заедно да го прославиме големиот успех“, вели Стоилевски.

Мотив плус за ракометарите на Охрид е тоа што нивниот најголем конкурент за последното место кое води во европските натпреварувања, Тиквеш, загуби од актуелниот шампион Еурофарм Пелистер, па со евентуална победа и математички го заверуваат пласманот во Европа.

Натпреварот меѓу Охрид и Пролет се игра вечерва со почеток во 19:00 часот, во спортската сала „Билјанини Извори“.