После двата последователни порази, ракометарите на Охрид пред домашната публика, во дуелот со екипата на Пролет, во рамки на 12. коло од плеј-офот во Супер лигата, ќе бараат рехабилитација и враќање на победничките патеки.
Средниот бек на охриѓани, хрватскиот интернационалец, Рудолф Шафранко, вели дека не треба да ги залажува позицијата на табелата на екипата на Пролет бидејќи во овој плеј-оф нема лесни противници и затоа треба да го дадат максимумот за бодовите да останат во Охрид.
„Пролет воопшто не е лесна и наивна екипа, но сепак во овој натпревар треба да докажеме дека сме подобри и дека бодовите остануваат во Охрид. Треба само да ја стегнеме одбраната, во претходниот натпревар тој сегмент од нашата игра беше многу лош, дозволивме да примиме преку 40 гола, и воедно да ги искористиме нашите шанси во нападот. Потребна ни е и поддршката од нашата верна публика, во многу натпревари ни помогнале, биле нашиот осми играч, така очекувам да биде и овој пат и сите заедно да се радуваме на победата и пласманот во Европа следната сезона“, изјави Шафранко.
Хрватот смета дека поразите од Пелистер и од актуелниот вицешампион се минато и дека екипата со мислите е насочена кон предизвиците кои што следат.
„Ни се случи некоја мала криза, но мислам дека сето тоа е зад нас и сега сме посилни од претходно. Атмосферата во екипата е одлична, сите сме подготвени да го дадеме максимумот како во овој натпревар така и на преостанатите два од плеј-офот и да ја оствариме нашата цел“, дециден е средниот бек на охриѓани.
Охрид после двата порази во серија падна на четвртото место на табелата, додека Пролет е на седмата позиција.
Традицијата е на страната на Охрид кој забележал 12 победи во 22 меѓусебни натпревари, додека Пролет на победа се радувал девет пати.
Натпреварот меѓу Охрид и Пролет се игра на 2 мај, четврток, во спортската сала „Билјанини Извори“, со почеток во 19:00 часот.