Дуелот на титаните во Лигата на шампионите заврши со убедлива победа на домаќинот ПСЖ против Келце од 35-26 и нови бодови во трката за втората позиција во група А.
Во дуелот на двата претенденти за Ф4 турнирот во Келн, полските прваци му парираа на францускиот шампион едно полувреме, првото кое заврши со тесна предност на домашните ракометари од 15-14. ПСЖ продолжи да ја одржува предноста и иницијативата до 40 минута кога последен пат Келце беше на минимална негатива од полувремето, домашните ракометари создадоа предност од 4 голови кои во трка со времето искусниот и квалитетен тим од Париз знаеше да го валоризира и во самиот финиш да дојдат до највисоката предност на дуелот од девет голови 35-26.
Натпреварот го одбележаа финишите на двете полувремиња, во првото полувреме ПСЖ имаше постојано предност, а со голот на Пранди во финишот дојдоа и до плус 4 (15-11), но Келце не дозволи ПСЖ предвреме да се радува, па возврати со своја серија која Душебаев ја заврши во 30. минута за резултат 15-14 и минимална предност на ѕвездениот тим од Париз.
Второто полувреме продолжи во истиот стил како и првото, популарните „светци“ ја контролираа играта и резултатот, имаа предност од 2 или 3 гола поголемиот дел од вториот дел, но на пет минути до крај кога се кршеше резултатот не дозволија Келце повторно да се врати како во првиот дел, ги искористија сите грешки и избрзани удари на гостинските ракометари и на крај славеа убедлива победа со високи 35-26.
Тонесен, Сипжак и Пранди беа најефикасни во домашниот тим со 6 голови, додека најмногу голови постигна Алекс Душебаев за гостинскиот тим, вкупно 7, го следеше Наи со 4 погодоци.
Со овие важни бодови „светците“ од Париз остануваат во игра за втората позиција во групата. Сега се наоѓаат на третата позиција во група А, зад лидерот Кил и второпласираниот тим на Алборг кој има бод повеќе од ПСЖ. Келце останува на петтата позиција на табелата. До крајот на групната фаза остануваат уште две кола.