По службената победа над Аеродром во првото коло од разигрувањето за опстанок, ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 се израдуваа на втори бодови. Младите битолчани славеа против засилениот Куманово со 25-19. По релативно израмнетото прво полувреме, избраниците на Михаил Петровски со фуриозен старт на вториот дел кога направија предност од четири гола го решија прашањето на победникот. Кумановци имаа свои моменти на овој меч, но тоа не беше доволно за нешто повеќе од пораз во Битола, па шансата за бодови ќе ја бараат на некој од следните натпревари.
Кумановци тргнаа со водство од 2-0 преку Радичевиќ и Костов, а разликата ја одржуваа до средината на првиот дел, 8-6. Потоа домашните се вратија во егал, 8-8, а до крајот на полувремето најчесто се играше гол за гол.
Најновото засилување за Куманово, Стефан Атанасовски му донесе предност на Куманово на шест секунди до крајот на полувремето, 13-12, а последниот напад на домашните беше неуспешен.
Младите битолчани имаа фуриозен старт на второто полувреме. За осум минути постигнаа пет голови и комплетно го свртеа резултатот во своја полза, што на крајот ќе се покаже како решавачки момент, 17-13.
Гостинскиот стратег Димковски мораше да бара тајм-аут веднаш потоа, па неговите играчи преку Костов го прекинаа десетминутниот пост без погодок. Истиот ракометар го донесе Куманово и на минус два, 18-16.
Кога требаше да притиснат гостите и комплетно да се вратат во игра, одново влегоа во серија грешки. Тоа го искористија битолчани и одново стигнаа до плус четири, 21-17, иако голманот Кимевски беше солиден меѓу стативите.
По празни шест минути Куманово погоди за 21-18 на осум минути до крајот, имаше можност да намали уште, но Печурица исто така бранеше добро во овие моменти. Кога Мијушковиќ и Талевски погодија за 23-18, јасно беше дека бодовите остануваат во Битола.
Шест гола за победничкиот тим даде Талевски, пет пати стрелаше Хаџиќ, а по четири голови имаа Мијушковиќ и Митревски. Во составот на Куманово се истакна Костов со десет погодоци. Во следното коло Куманово ќе го пречека Скопје, додека Еурофарм Пелистер 2 гостува кај Вардар Неготино.