Шампионот Еурофарм Пелистер на гостувањето кај Бутел триумфираше против истоимената екипа со 28:24 во натпревар од 2. коло од плеј-оф фазата и со новите освоени бодови го презеде лидерското место на табелата.
Домашниот тим на Горан Кузманоски во најголемиот дел од првото полувреме беше рамноправен противник, до 20 минута одлично им парираше на гостите, но во финишот од првиот дел дојде до израз квалитетот меѓу двете екипи.
Бутел во воведниот дел на двапати имаше предност, водеше со 1:0 и 2:1, потоа пелистерци ја презедоа контролата, но водеа минимално, до 20 минута резултатот во пет наврати беше нерешен.
Еурофарм Пелистер пред финишот на првиот дел се одлепи на 13:10 и максималната предност од првите 30 минути ја сочува до крајот на полувремето и на пауза битолчани заминаа со 15:12.
Еурофарм Пелистер на почетокот на вториот дел зголеми на 16:12, во уште неколку наврати имаше четири гола предност, но откако водеше со 18:14, домаќинот со погодоците на Николов и младиот Субашевски намали на 18:16.
Приближувањето на Бутел значеше дека актуелниот шампион ќе треба да го даде максимумот доколку посакува освојување на бодовите. Во составот на Ангеловски расположен беше македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски, кој со своите голови одржуваше предност од три до пет гола разлика за својот тим.
На петнаесетина минути пред крајот гостите водеа со 22:18 и во последниот дел немаше поголема резултатска промена.
Најефикасен во победничката екипа беше Филип Кузмановски со десет погодоци, додека кај домаќините со осум погодоци се истакна Филип Николов, а одлична партија имаше и Дамјан Субашевски со шест реализации.