За Барселона ова е највисок пораз на домашен терен во историјата на ЕХФ лигата на шампионите, и само 10-ти пораз дома, а само осум екипи досега успеале да триумфираат како гости во Шпанија. Последен пат Киелце во 2022 година.
На последните 31 натпревар во ЕХФ лигата на шампионите, шпанскиот првак Барселона по вторпат загуби, овојпат дома, од унгарски Веспрем 41-36 (19-17) . За Унгарците ова е само осму триумф во меѓусебните дуели, но важно е дека со овие бодови Веспрем се изедначува со Барселона и се на лидерскот оместо во Б групата.
Победата е дотолку позначајна затоа што Веспрем му даде 41 гол, во меч полн со трчање и одлични погодоци. Колку што истрчаа играчите на двата тима, сосема слично поминаа и нашите судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, кои го држеа темпото, и покажаа дека колку помалку е судијата во преден план – толку е подобар натпреварот.
Никој не се надеваше дека Веспрем така „лесно“ ќе триумфира во Шпанија, па уште и ќе има предност од 5-6 гола во второто полувреме. Барселона одамна не делувала така немоќно, особено пред домашна публика. На трибините во Палау Грана повеќе се слушаа гостинските навивачи кои славеа најавувајќи дека можеби ова е нивната година.
Откако во 28 минута Веспрем поведе со 17-16, до крајот на средбата го имаше резултатот под контрола. Барселона успеа само да намали на 23-25, а потоа повторно „гас до даска“ и резултатот се зголеми на 29-24 за Веспрем.
Родриго Коралес, голманот на Веспрем имаше вкупно 13 одбрани, колку што заедно дбранија двајцата голмани на Шпанците (Нилсен – 9, Де Варгас – 4). За секоја ситуација имаа решение Унгарците, а на крај Драган Пешмалбег и Лудовик Фабрекас постигнаа по седум гола, исто колку и Дика Мем и Тимоти Нгесан кај Барселона.