Женската ракометна репрезентација на Македонија имаше старт според очекувањата во квалификациите за ЕП 2024 и во првиот натпревар ја совлада селекцијата на Азербејџан со 40-17.
Победникот се знаеше и пред мечот, бидејќи Македонија беше голем фаворит, а беше потврден и на теренот по десетина минути игра. Сега со победа в недела кај Литванија, 99% ќе го букираме билетот за Европското првенство во Австрија, Унгарија и Швајцарија следната година.
Ривалот го постигна првиот погодок на мечот, но потоа тргна македонскиот воз. Сите гостински грешки беа казнети од лесни погодоци од Седлоска, Џатевска, Саздовска, Ристовска, Ѓорѓиевска…за 9-1, а беше и 12-2 и веќе јасно каков натпревар ќе гледаме во продолжение.
Селекторот Кристијан Грчевски ги ротираше сите ракометарки, па минутажа добија и Николиќ, Гакидова, Јанеска, Арсениевска, Јанкуловска, Кипријановска и Младеновска. До крајот на првиот дел македонската предност се искачи на плус 13, 23-10.
Одличната Петковска на голот во вториот дел беше заменета од Терзиќ, а селекторот ги промени и крилата, па играа Тасевска и Гугуљанова место Саздовска и Ристовска, но и покрај тоа македонската предност само растеше.
Гостинките играа без премногу идеја и со индивидуални акции, а ние постигнувавме лесни погодоци за да имаме 21 гол предност 33-12. До крајот на мечот се играше рутински без никаква возбудувања на теренот.
Најдобри стрелци во нашата селекција беа Саздовска и Седлоска со по седум гола, а пет постигнаа Јанкуловска. Петковска имаше седум интервенции, додека Терзиќ одбрани девет удари на противничките. Следен предизвик за Македонија ќе биде средбата против Литванија на гостински терен во Виљнус в недела од 15:00 часот.