Новиот селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија, Кристијан Грчевски, го објави поширокиот список пред стартот на квалификациите за ЕП 2024 година.
На списокот се наоѓаат 35 ракометарки, меѓу кои 18 од домашното првенство, а 17 се интернационалки.
Грчевски на поширокиот список има и неколку од ракометарките што беа дел од кадетската репрезентација на Македонија на ЕП во Црна Гора како Кралева, Мифтари, Трпеска…а тука е Младеновска, која веќе дебитираше во сениорскиот дрес.
Во споредба со претходниот поширок список за бараж двомечот со Украина ги нема повредената Коловска, потоа Чурлиновска, Ризоска, Диневска, Трпевска, Дукоска, Гулицоска и Рахмани.
Покрај трите кадетки, повратник на списокот е Маџовска од германскиот Цвикау, новитети се Десподовска од полскиот Кобержице, Серафимова од австрискиот Штокерау, Тасевска од српската Јагодина, Нестороска од Куманово…
Овој список деновиве ќе биде скратен, па ќе биде познато кои ракометарки ќе ги почнат подготовките за дуелите со Азербејџан и Литванија.
Првиот дуел е со Азербејџан на 11 октомври во Скопје, додека втората средба се игра во Вилнус против Литванија на 15 октомври. Во нашата квалификациска група се наоѓа и фаворитот Шпанија.