Еурофарм Пелистер го покажа вистинското лице, чесен пораз од Кил!

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во рамки од третото коло од Лигата на шампионите беше поразен од Кил со 23:20. Иако Еурофарм Пелистер го запиша третиот пораз, сепак, успеа да биде повеќе од рамноправен противник и до 50-та минута беше во игра за освојување на бодовите.

Пелистерци со голот на Танкоски го отворија дуелот и поведоа со 1:0, но „зебрите“ со два гола во низа најпрво израмнија на 1:1, потоа дојдоа до 2:1. Македонскиот шампион не дозволуваше лесни погодоци и во воведните пет минути голманот Гедбан зад своето име имаше запишано две интервенции.

Кил наиде на голем отпор од страна на битолчани, па така за осум минути игра имаше две тројки на семафорот. По нерешените 3:3, гостите од Германија го искористија периодот со играч повеќе, откако Сери заработи исклучување, и дојдоа до плус два, 5:3.

Избраниците на Александар Јовиќ одлично му парираа на некогашниот европски шампион и по петнаесетина минути игра предноста на гостинскиот тим беше само еден гол разлика, 6:5. Ракометарите на Јиха никако не можеа да воспостават резултатска контрола и немаа многу идеја во нападот.

 

Домаќините со голот на Цехте израмнија на 6:6 кон крајот на првата половина од првиот дел. До крајот на полувремето имаше голема борба на теренот, тимот на Еурофарм Пелистер во неколку наврати не успеа да израмни на 8:8, но и гостите немаа голема комоција во играта.

 

Еурофарм Пелистер – Кил

 

Иако Кил на пет минути пред крајот на полувремето зголеми на највисоки плус три, 10:7, домашниот тим со погодоците на Кисум и Радивојевиќ намали на 10:9. Тимот на Јиха постигна уште еден гол до паузата, домаќините промашија во неколку напади и првиот дел заврши со 11:9 во корист за гостите.

Германскиот првак во првите десет минути од вториот дел на двапати имаше плус три (12:9, 13:10). Еурофарм Пелистер предводен од Радивојевиќ, кој беше непогрешлив од пенали и Цехте, кој беше шутерски расположен, никако не отстапуваше од намерата да дојде до евентуално изненадување.

По предноста на Кил од 16:14, домаќините направија камбек израмнувајќи на 16:16. Ракометарите на Јовиќ во 45-та минута при нерешен резултат, 17:17, имаа напад за водство, но Цехте не успеа да реализира. Откако беше 18:18, односно 19:19, составот на Кил во 50-та минута се одлепи на 20:18 и до крајот не дозволи домашниот тим да се врати во игра.

Најефикасен во домашниот табор беше Богдан Радивојевиќ со пет погодоци, четири реализации запиша Нејц Цехте. Кај Кил се истакнаа Никлас Екберк и Елиас Елефсен со по пет погодоци.