Тимот на ПИК Сегед по поразите од ПСЖ дома и Кил на гостински терен, се израдува на првата победа во Лигата на шампионите.
Пред унгарскиот вицепрвак падна данскиот Алборг, кој беше совладан со 34-27. Се играше гол за гол до 7-7, пред домашните преку Шоштариќ и Степанчиќ да се одлепат на плус два. Данците веднаш возвратија и израмнија на 11-11.
Но откако Хансен од пенал намали на 15-14, следуваше еден лош период во играта на Алборг и ПИК Сегед ги казни сите грешки за предност од пет гола, 19-14. На пауза се замина со 20-16.
Во второто полувреме Алборг успеа да ја стопи негативата и да се врати на минус еден, 22-21, но домашните предводени од Бомбач успеаја одново да се вратат на безбедни плус четири, 25-21.
Во клучниот период бранеше одлично и голманот Инсгард, па до крајот ПИК Сегед само рутински ја одработи задачата. Најдобри стрелци беа Марио Шоштариќ со девет и Мачковшек со четири погодоци, додека кај Алборг, Хансен имаше шест гола.