Актуелниот шампион на Унгарија, Веспрем, во новата натпреварувачка сезона 2023/24 ќе има само еден унгарски ракометар во ростерот.
Станува збор за 27-годишниот лев бек Патрик Лигетвари, кој уште од неговите почетоци настапува за Веспрем, со исклучок на сезона 2018/19 и 2019/20 кога беше на позајмица во Адемар Леон, односно Ла Риоха.
Веспрем по завршувањето на сезоната го напуштија неколку играчи, меѓу кои и Зоран Илиќ и Адријан Сипос, па така Лигетвари ќе биде единствениот Унгарец во тимот на Момир Илиќ.
Лигетвари во интервју за Nemzeti Sport” истакна дека никогаш во својата кариера не му се случило да биде единствениот домашен ракометар во големиот европски клуб.
,,Во Веспрем никогаш не ми се случило да бидам единствениот Унгарец во составот. Кога играв во странство секако беше така, но секако сега е друга ситуација. Многу сум уверен дека талентираните млади ракометари од Унгарија наскоро ќе затропаат на вратата од првиот тим, да кажеме неколку од оние кои пред осум дена го освоија сребрениот медал на Светското младинско првенство”, изјави Лигетвари.
Во Веспрем во следната сезона ќе има по четворица играчи од Франција (Недим Ремили, Лудовик Фабрегас, Хуго Дескат, Кентин Мае), тројца од Шпанија (Родриго Коралес, Игнасио Биоска, Аугустин Касадо), по двајца од Египет (Јахија Омар, Јахија Ел Дера) и Шведска (Лукас Сандел, Андреас Нилсон) и по еден од Исланд (Бјарки Мар Елисон), Белорусија (Никита Вајлупов), Словенија (Гашпер Маргуч), Србија (Драган Пешмалбек), Унгарија (Патрик Лигетвари) и Русија (Сергеј Марк Косоротов).