Две години фрлени во бунар – Савевски заминa без победа на 17 натпревари!

Женскиот сениорски ракомет одново е на раскрсница – денеска беше објавено дека е прекината соработката со селекторот Љубомир Савевски, кој имаше договорни обврски до месец септември. Кога нема успех, мора да има смени. Савевски доби доверба, па некогаш и повеќе од потребното, а РФМ пак ќе има главоболка, да најде соодветно решение. Човек што нема само да биде добар тренер, туку и педагог, менаџер..

Савевски се врати во ракометот по пауза од една деценија без да има било каков ракометен ангажман. Сега заминува од функцијата без ниту една победа на официјалните натпревари кои беа вкупно 11. Шест меча одигравме против Црна Гора, Словенија и Норвешка од групите на ЕХФ Евро Купот, на кои беа доживеани шест порази.

Минимални беа само гостинските во Подгорица и Љубљана, а сите други беа убедливи. Потоа се играше ЕП на кое бевме домаќини, а ниту еден од тие натпревари не бевме ни блиску до позитивен резултат.

Подобри убедливо од Македонија беа Франција, Холандија и Романија. Цехот за слабите резултатите на континенталниот собир го плати стручниот штаб, но Савевски остана на функцијата со амин од РФМ. Тогаш стручниот штаб беше сменет „по телефон“ од Савевски, а тој остана и назначи нови соработници.

Потоа следуваше баражот за СП 2023 во кој бевме елиминирани од селекцијата на Украина со два убедливи порази, иако тоа беше репрезентација со послаб квалитет од оние што можевме да ги добиеме. Затоа и имавме надежи дека можеме првпат по 2007 година да играме на СП.

Покрај овие 11 порази на официјалните средби, Савевски ја водеше Македонија и на шест пријателски натпревари, и одново забележа шест порази. Два од Србија, два од Норвешка Б и два од Турција кои беа дел од подготовките за баражот за СП.

Повратникот во националниот тим ветуваше позитивни ветришта и враќање на женскиот ракомет на нивото кое го имаше во минатото, но тоа не се случи па лоогичен беше потегот на македонската куќа на ракометот „спогодбено“ да се раскине договорот, како и многу други членови на куќата на ракометот претходно. Поелегантно решение отколку да биде отпуштен.