Ракометарите на Јехона на гостувањето во Велес кај Борец немаа многу проблеми и дојдоа до победа од 43:29 во натпревар од 4. коло од плеј-аут фазата во прволигашката конкуренција.
Домашниот тим парираше само на стартот и во остатокот од дуелот гостите со доминантна игра го запишаа вториот триумф во плеј-аутот.
Откако беше 3:3, следуваше одлична серија на гостите, кои зголемија на 9:3 и со неколку минити серии градеа победносна предност, која на полувреме изнесуваше плус 11, 21:10.
Вториот дел беше полесен тренинг за ракометарите на Селмани и во вторите 30 минути двете екипи не играа добро во одбраната, па така паднаа повеќе гола од првиот дел.
Предводник во победничката екипа беше Ерлис Селмани, постигна 12 погодоци, додека второ име во Јехона беше Михајло Живкоски со седум реализации.
Кај Борец се истакнаа Леон Ристов со шест и Душан Крстевски со пет погодоци.