Екипата на Аеродром на гостувањето кај Младост Богданци дојде до важни бодови во прволигашкиот плеј-оф, триумфираше со 34:27.
Аеродром со новите освоени бодови останува на 3. позиција на табелата во разигрувањето за Супер лигата.
Иако Аеродром отвори според посакуваното, поведе со 5:2, сепак, домаќините со серија од 3:0 израмнија на 5:5.
Избраниците на Петровски започнаа да фаќат залет во последните десет минути од првото полувреме и по 8:8, влегоа во ритам постигнувајќи два гола во низа за водство од 10:8.
Од тој момент па до крајот гостинот од Скопје ја диктираше играта. Аеродром на полувреме замина со предност од 16:14, додека во второто полувреме домаќините останаа без муниција и влегоа во поголема негатива.
Расположен на голот кај Аеродром беше Марко Богдановски, кој полека ги откажуваше домаќините во намерата да направат евентуален камбек. Богдановски дуелот го заврши со десет интервенции. Неговиот колега Никола Кизиќ имаше пет одбранети удари.
Победничката екипа беше предводена од Наум Костов со осум погодоци, седум реализации имаше Андреј Петрески. Кај поразениот табор одлична партија одигра кадетскиот репрезентативец Антонио Николоски, постигна десет погодоци.