Ракометарите на Прилеп славеа против Куманово со 23-22 и му го нанесоа првиот пораз на гостинскиот тим во битката за суперлигашки опстанок. Двете екипи имаа падови и подеми на овој меч, прилепчани не погодија пенал во последните секунди за плус два што можеше скапо да ги чини, но и гостите не реализираа во нивниот напад и трите бода останаа дома.
Домашните отворија одлично и поведоа со 5-1, а беше и 6-2, па стратгот на Куманово, Игор Котевски, мораше да бара тајм-аут. Не им одеше на гостинските ракометари ништо од рака во првиот дел.
Ангелески беше одличен на прилепскиот гол, а кумановци не реализираа ниту два од трите пенали, па во последните моменти избраниците на Реваз Чантурија имаа и плус шест, 12-6. На пауза се замина со 12-7 за домашниот тим.
Во вториот дел прилепчани водеа со 14-8, но потоа проработе црногорската конекција Ѓурашковиќ – Кастратовиќ и Куманово се врати на минус три, 14-11. Во овие моменти поради трите исклучувања, Прилеп остана без Велески кој доби црвен картон.
Како одминуваше времето така гостите играа подобро и ги казнуваа сите домашни грешки, па беше егал 18-18 на десет минути до крајот. Прилепчани одново се одлепија на плус три, 22-19 преку Дамчевски и Бурчески, а потоа беше пропуштена шанса и за четири гола предност.
Затоа Куманово реализираше преку Тасевски и Кастратовиќ за 22-21 и за нови возбудувања на три минути до крајот. Чантурија беше прецизен, но возврати и Кастратовиќ на спротивната страна.
Прилеп тргна во последен напад и на 30 секунди до крајот изнуди пенал, но шутот на Шокоски беше одбранет од Кимевски. Гостите упатија удар во последната секунда но немаше погодок и победата остана за Прилеп.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Гавашелишвили со шест, како и Дамчевски и Бикоски со по пет погодоци, додека кај Куманово се истакнаa Кастратовиќ со шест, како и Ѓурковиќ и Ѓурашковиќ со по пет гола.