Тиквеш „покажа заби“ само едно полувреме со Вардар

Актуелниот шампион Вардар мораше да игра со максимална концентрација за да може да го победи Тиквеш во меч од 6. коло на Супер лигата, па „црвено-црните“ дури во средината на второто полувреме се одлепија резултатски за на крај да слават со 35-25 (15-15). Вардар останува лидер со 21 бод, а Тиквеш е четвртопласиран со 10 бода.

Десетката на крајот од средбата не делува како вистински одраз на она што се случуваше во текот на натпреварот. Гостите од Кавадарци во првото полувреме имаа водство и постигнаа израмнувачки гол во последната минута за 15-15.

„Лозарите“ воопшто не го респектираа ривалот кој само неколку дена претходно одигра и победи на дербито со Еурофарм Пелистер. Вардарци влегоа многу млако и можеби релакисрано, а тоа го искористи Тиквеш да се врати од негативата (5-2) и да поведе со 12-10.

Голманот Јагош Брауновиќ имаше три одбранети седмерци, но потоа одбиените топки стигнуваа до вардаровите играчи кои погодуваа. По паза од речиси 1,5 месец поради повреда во тимот на Вардар се врати пивотменот Милан Лазаревски

Се до 38 минута Тиквеш беше во игра, а резултатот 20-18. Потоа Вардар имаше убава серија за водство од 27-19 по што веќе беше јасно дека нема да може да направат изненадување.

Кај победничкиот тим по 6 гол апостигнаа Дејан Манасков, Гоце Гергиевски и Јан Чувара. Кај Тиквеш Арнад Хамзиќ и Лазар Петровиќ погодија по петпати.