На десет дена пред мечевите со Украина, женската селекција ќе има и спортски директор кој ќе биде мост меѓу репрезентацијата и федерацијата. Така би се намалиле меѓучовечките недоразбирањаа што сега постојат особено внатре во тимот
Подготовките на сениорките за бараж натпреварите за пласман на СП 2023 година може да почнат „на раат“ бидејќи е решено „важно прашање“ – најдени се тренери кои можат да бидат дел од стручниот штаб и имаат мастер коуч лиценца. Така сегашниот селектор Љубомир Савевски кој ја нема потребната лиценца, иако повеќе од две години е дел на сениорскиот тим, ќе може да ги води ракометарките од клупата.
Откако во РФМ сфатиле дека за квалификациските натпревари со Украина на 8 и 11 април мора на клупата да има најмалку еден тренер со Мастер коуч лиценца почна „потерата“ по идеалните кадри кои можат да одговорат на предизвикот. Треба да бидат дел од стручниот штаб, но притоа главниот збор да го има Савевски кому му треба „покривање“ за неговата стручна тренерска квалификуваност да води национален тим.
Досега дел од репрезентацијата беше Јулијана Дамчевска, тренерот на ЖРК Металург поранешен првак и победник на Купот. Таа ја има и потребната Мастер коуч лиценца. Откако Савевски со сениорките не ја мина групната фаза од ЕП 2022, тој наместо одговорност врз себе реши „телефонски“ да ги отпушти соработниците. Потоа на следната акција повика нови помошници, но без мастер коуч лиценци, па некои дури и без тренерско искуство. Сега повторно ќе се бара пополнува стручниот штаб.
Според информациите на 24Ракомет претходните денови имало многу вжештени телефонски линии, молби, културни укажувања дека треба да се биде дел од репрезентацијата во ова важно време, и да му се помогне на Савевски. Тој во РФМ има тренерска лиценца, но како дел од машкиот тим на Алкалоид. Ама таа не е валидна за меѓународни натпревари од висок ранг.
РФМ има неколку можни решенија, но најверојатното е дека улогата на помошник тренер во репрезентацијата ќе ја добие Благојче Весиќ. Млад тренер кој во минатото имаше ангажмани во младинските репрезентативни категории, но и кратко во сениорската репрезентација на неколку натпревари. Беше и тренер на Јуниор КВ. Во моментво е дел од Националната ракометна академија. Весиќ го има потребниот Мастер Коуч, и секако искуство за работа.
Во случај Весиќ да не прифати, или не е во можност во тој период да биде со репрезентацијата, во РФМ веќе има список на потенцијални тренери со мастер коуч кои треба да „помогнат“.
Како дел од промените во репрезентацијата ќе се назначи и спортски директор и таа функција ќе му биде доверена на Александар Петровски. Своевремено тренер на женската екипа на ЖРК Металург, а претходно и повеќегодишен асистент на Лино Червар.
На 8 и 11 април играме две средби со Украина, и победникот од тој дуел ќе се пласира на СП во Данска, Норвешка и Шведска на крајот од годинава. По пауза од 2007 година ова е уште една шанса, веројатно најдобрата Македонија повторно да игра на ракометниот Мундијал.
РФМ му бара „помошник“ на Савевски што има мастер коуч лиценца