Ракометарите на Вардар Неготино ја забележаа втората победа во суперлигашкиот плеј-аутот и по три кола избраниците на Петар Ангелов немаат пораз. Неготинци на домашен терен во интересен натпревар славеа против Скопје со 26-24, откако на полувремето водеа со 15-11. Сепак гостите се вратија во игра во финишот, намалија на еден разлика, но немаа ниту време ниту сили да го направат завршниот чекор и да направат комплетен пресврт, па бодовите останаа во Неготино. Сега со седум бода неготинци се искачија на делба на второто место со Куманово, кој има меч помалку.
Во првиот дел се играше израмнето и двете екипи имаа свои моменти. Скопјани најчесто поведуваа, а неготинци израмнуваа. Така беше дваесетина минути, пред Емини и Митевски со два гола во серија да донесат водство за Вардар Неготино, 11-9.
Кузманоски се обиде со тајм-аут да ги врати во колосек неговите избраници, но продолжи конфузната игра во нападот и до крајот на полувремето гостите постигнаа само два гола.
Ацев беше одличен на голот на неготинци, исто така и тренерот Ангелов му фати пенал на Киселовски, па беше и 13-10 за домашните, додека највисоката предност ја донесе пикерот Матовски со голот во последните секунди за 15-11.
Проблем за домашните на стартот на вториот дел беше исклучувањето на Кузманов, трето на овој меч, па средниот бек мораше да се пресели на трибините. По 18-14, Скопје се врати на минус два, 18-16, а беше и 19-17.
Потоа гостите направија две грешки, Ацев фати еден зицер и казната стигна преку Адамовиќ од пенал за 21-17. Беше и 24-20 на десетина минути до крајот, Скопје врати неизвесноста со два гола во серија и намали на 24-22.
Митевски во соло акција се избори за 25-22, но неготинци не можеа да бидат мирни. Две нивни грешки беа казнети од Киселовски и Барјактаревиќ за 25-24 на минута и пол до крајот.
Имаше пенал за домашните кој Радовановиќ му го обрани во први момент на Адамовиќ, но одбиената топка се врати во неговите раце и од втора реализираше во голот на Скопје за 26-24. Имаа цела минута гостите за напад, нивниот удар заврши како плен на голманот Ацев и победата и бодовите останаа во Неготино.
Кај домашните Адамовиќ даде девет гола, Митевски постигна шест, додека одличен беше и голманот Ацев со 11 одбрани, а Ангелов фати два пенали. Во редовите на Скопје, седум пати стрелаше Киселовски.