Екипата на Татран Прешов денес ќе му гостува на Вардар во рамки од 3. коло од групната фаза во регионалната СЕХА лига.
Првиот дуел меѓу двете екипи, кој беше одигран во Прешов, заврши со победа на словачкиот шампион од четири гола разлика, 27:23.
Доколку ракометарите на Татран Прешов повторно победат во дуелот со ,,црвено-црните”, речиси ќе го обезбедат првото место во групата.
Тренерот Марек Гернат е претпазлив за дуелот со Вардар, истакнувајќи дека избраниците на Владо Недановски ќе бидат добро подготвени.
„Очекувам сосема поинаков натпревар од оној што го одигравме во Прешов. Домашниот тим ќе се подготви за нас, сигурен сум во тоа. Имавме неколку тешки натпревари зад нас, имаме густ распоред, но секако дека ќе дадеме сѐ од себе да се подготвиме за Вардар и да направиме сѐ што е во наша моќ, изјави Гернат.
Истото мислење го дели десниот бек на Татран Прешов и екс ракометар на Пелистер, Никола Ивановиќ.
„Одиме во Скопје со цел да победиме на тој натпревар. Нашата цел е да обезбедиме место на Ф4 турнирот оваа сезона и секако, мора да одиграме максимално. Доколку ја повториме играта од првиот дуел со Вардар, можеби ќе имаме шанси“, изјави Ивановиќ.
Натпреварот меѓу Вардар и Татран Прешов се игра денес во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.