Македонија има негатива од седум гола на полувреме со Холандија

Машката репрезентација на Македонија има негатива од седум гола на полувремето од вториот натпревар на СП 2023 против Холандија, 18:11.

Избраниците на Кире Лазаров со голот на Серафимов стартуваа со водство од 1:0 во воведниот дел, откако ,,лалињата” не погодија во првиот напад. Холандија преку еден од поискусните играчи, десниот бек Кај Смитс го израмни резултатот на 1:1. Македонија играше ефикасно на стартот, го користеше невниманието во редовите на Холандија. Следуваше период, во кој се играше гол за гол, па така по пет минути игра резултатот беше нерешен, 3:3.

Иако Македонија имаше играш повеќе во еден момент, сепак, не успеа да ја искористи дадената ситуација и да направи исчекор. Ракометарите на Олсон за првпат поведоа во 6 минута со 4:3, а минута подоцна дојдоа и до највисоките дотогаш ,,плус два” 5:3. Македонија никако не можеше да излезе од кризата по добриот почеток, се зголемија техничките грешки во ,,црвено жолтиот” табор, а Стеинс и колегите во 10 минута дојдоа и до водство од 7:3.

Кризниот период во Македонија беше прекинат со голот на Манасков од пенал за намалување на негативата на 7:4. Кон средината на првиот дел предноста на Холандија беше 9:5. До 15 минута голманот на Холандија, Равенсберген имаше шест интервенции и беше еден од најзаслужните за предноста на неговата репрезентација. Откако Холандија имаше четири гола разлика (10:6), Македонија со погодоците на Кузмановски и деби голот на Павле Атанасијевиќ за момент намали на 10:8.

Македонија – Холандија СП 2023

Холандија по тајм-аутот на Штафан Олсон, односно во 20 минута повторно дојде до четири гола разлика, 13:9. Искусните ракометари на Холандија во 22 минута дојдоа и до пет гола разлика 14:9, имаа и 15:9 и рутински ги одработија последните осум минути. По 30 минути игра резултатот беше 18:11 во корист за ,,лалињата”.