Македонија загуби на првиот натпревар на Светското првенство од селекцијата на Норвешка со 39-27. Иако во одреден момент од првиот дел одигравме рамноправно, сепак една лоша серија го одреди текот на мечот. Се одлепија Норвежаните до крајот на првиот дел, 18-11, а вториот дел беше само формалност.
Норвешка поведе со 2-0 со головите на Сагосен, а ние не реализиравме два напади по ред, пред Кузмановски по пет минути игра да намали на 2-1. Одигравме добра одбрана во следниот напад, но Оверби најде дупка во одбраната и зголеми на 4-2.
Одново Кузмановски беше прецизен, а следниот шут на Пешевски го одбрани Бергеруд. Обранивме уште еден норвешки напад, но ниту ние не реалзириавме, а тоа беше казнето и Норвешка за првпат отиде на плус три, 6-3.
По првата одбрана на Митревски, Јагуриновски постигна гол за 6-4. Беше и 8-5 по неколку брзи голови на двете страни, a по новата одбрана на нашиот голман, Македонија фати приклучок и намали на 8-7.
Комплетно се вративме во игра со прекрасниот погодок на Кузмановски за 9-9 по дваесетина минути игра. Но тоа што тешко го стигнавме, лесно го пропуштивме. Неколку наивни грешки беа доволни за Норвежаните за две минути да ни дадат четири гола и веќе беше 13-9.
Лошата серија ја прекина Манасков, потоа постигна уште еден гол по одбранетио зицер на Митревски и беше 13-11. Норвешка зголеми на 14-11, а при еден напад на ривалот се повреди Јагуриновски.
Бергеруд одбрани еден удар на Македонија, не погодија ниту Талески и Манасков, па Норвешка со серија од три гола, замина на плус седум, 18-11, резултат со кој се отиде на пауза.
Набрзина во вториот дел скандинавскиот тим се одлепи на плус десет, 25-15. Лазаров им даде шанса на Стојковиќ и на Петров во нападот, а токму членот на исландскиот Тор Акурејри погоди три пати за 27-20.
Талески реализираше за 28-21 на десетина минути до крајот, а кружниот напаѓач Петров беше во фокус во финишот и намали на 30-24. Немаше многу дилеми до крајот и Норвешка рутински ја одржа и ја зголеми предноста.
Талески имаше седум гола, Манасков даде пет, додека Кузмановски и Петров постигнаа по четири погодоци. Голманите Митревски и Томовски комбинираа осум одбрани. Македонија утре ќе има еден ден пауза, а задутре ќе се соочи со селекцијата на Холандија во второто коло.