Репрезентацијата на Црна Гора, која во Доха ги одработува последните подготовки за настап на Мундијалот во Полска и Шведска, на првиот пријателски дуел против Катар беше поразена со два гола разлика, 30:28.
Најефикасен во црногорскиот табор беше Милош Вујовиќ со шест погодоци, додека членот на Еурофарм Пелистер, Мирко Радовиќ трипати се запиша во листата на стрелци.
Двете репрезентации во текот на утрешниот ден ќе го одиграат вториот пријателски натпревар. Црна Гора на Мундијалот, кој ќе стартува на 11 јануари, ќе игра во група со Шпанија, Чиле и Иран.
Шампионот на Азија, Катар на Мундијалот ќе настапи во група со селекциите на Србија, Алжир и Германија.
Претходно избраниците на Зоран Рогановиќ на двапати тестираа против селекцијата на Македонија во Маврово.
Алжир и Тунис, кои исто така ќе настапат на Мундијалот во Полска и Шведска, денес имаа меѓусебен дуел, кој го доби селекцијата на Тунис со 32:30.
Нашиот јужен сосед славеше против Грузија со 34:32. Во составот на Грузија настапија актуелни и поранешни играчи од неколку македонски клубови. Ракометарот на Охрид, Хазеин Рустамов постигна три гола, додека членот на Прилеп, Мириани Гавашелишвил имаше две реализации.