Димовски во шега: Се плашевме само од едно – дали ќе ни ги погодат бројките на дресовите

Поранешниот кружен напаѓач Ванчо Димовски беше прогласен за МВП на натпреварот меѓу поранешните и актуелните репрезентативци на Македонија.

Тој постигна еден погодок за ТВ шпици и вели дека ако не била погрешната ротација во финишот, можеби ветераните ќе славеа на овој дуел.

„Можеби и можевме да победиме, но тренерите ја промашија ротацијата на крајот“, низ шега вели Димовски.

Тој долги години го носеше репрезентативниот дрес и беше дел од најголемите успеси.

„Убава атмосфера, на терен изглеговме како да немало толку голема пауза иако поминаа доста години. Не можеме многу, нормално, години се во прашање, но се држевме доволно. Се менуваат генерации, нови луѓе, но се ми изгледа многу свежно, а не како да се поминати многу години. Фала им на сите за се“, продолжи Димовски.

Кружниот напаѓач имаше атркативен погодок и по прогласувањето за МВП заврши на рацете на соиграчите.

„Првпат во животот и мене некој да ме фрли. Пред стартот на мечот се плашевме само дали ќе ни погодат бројките на дресовите. Некои играчи имаа дресови по стари бројки, па беа малку смешни“, вели Димовски“, пак низ шега вели Димовски.

Тој вели дека сегашните репрезентативци треба само да „купуваат“ искуство од постарите.

„Кој како стигне разговара на таа тема, но колку тоа може да влијае, не знам. Со доста играчи од другата страна сме играле, сме разговарале. Треба само да „купуваат“ од нас. Очекувам на СП играчите да бидат на ниво, иако фалат некои играчи што играа досега. Се надевам дека на трите меча ќе бидат барем на 80-90% од можностите и ќе продолжиме во главната рунда“, заврши Димовски.

Македонија е во група со Норвешка, Аргентина и Холандија, а првиот меч го игра на 13 јануари.