Ракометарите на Овче Поле пред својата публика целосно го надиграа тимот на Текстилец од Штип, триумфирајќи со резултат 28:20, во натпревар од 14. коло од Првата лига. На првиот дуел меѓу двете екипи триумфираше Текстилец со два гола разлика, 28:26.
Дебитантот во прволигашката конкуренција од стартот, па сѐ до крајот беше во резултатска предност и во ниту еден момент не му дозволи на гостинот да дојде до израмнување на резултатот. Овче Поле, кој на овој натпревар беше предводен од Гичев, во првите 30 минути водеше со три до четири гола разлика, а на пауза замина со активен резултат од 13:9.
Во продолжението немаше промена на резултатот, така што домаќините во финишот од дуелот го искористија падот во играта на гостите и ја зголемија предноста. Веќе при резултат од 20:13 јасно беше дека гостите ќе имаат тешка задача во дуелот со разиграните домаќините, кои стигнаа до петти триумф во дебитанската сезона.
Најефикасен во победничката екипа беше Бојан Гичев со 11 гола, додека Димитрија Крстев беше втор стрелец со шест реализации. Во поразениот табор се истакнаа Стојанче Ристов и Милисав Петров, со шест, односно четири погодоци.