Ракометарите на Мулти Есенс во натпревар од 13. коло во Првата лига славеа во дуелот против Македонија Ѓорче Петров со 33:31.
Избраниците на Ангеловски беа доминантни во првиот дел, во кој целосно го надиграа гостинот од Ѓорче Петров. Дебитантот ги имаше расположените Узунчеви, Костовски, Митев и во првото полувреме од минута во минута градеше сигурна предност, која на моменти изнесуваше 11 гола разлика.
Домашниот тим со цврста одбрана не дозволуваше премногу простор за напредок на играта на гостите и на пауза замина со предност од десет гола разлика, 20:10.
Македонија Ѓорче Петров во вториот дел се консолидира, заигра поангажирано и успеа да ја преполови негативата. Во гостинскиот табор проработија Ѓиноски, Ролевски… па така екипата на Македонија Ѓорче Петров намали на 25:21 во 40 минута, а во 50 минута резултатот беше 29:26 за дебитантот.
Во последните десет минути домаќините беа во предност од три до четири гола разлика, а мотивираните гостински ракометари, кои храбро се бореа во вторите 30 минути, немаа доволно сили за евентуален пресврт.
Најефикасни во победничката екипа беа Михајло Костовски со девет и Димитар Узунчев со осум гола. Кај гостите се истакнаа Филип Ролевски со седум и Максимилијан Ѓиноски со шест гола, сите во вториот дел.