Екипата на Келце продолжува со одличните партии во Лигата на шампионите и во натпревар од групата Б запиша победа против Елверум, со резултат 37:33 (21:17).
За Келце денешната победа беше петта последователна во најквалитетното европско натпреварување. Полскиот шампион во досегашниот тек во ЛШ има биланс од шест победи и само еден пораз, од каталонскиот гигант Барселона
Ракометарите на Келце уште од стартот наметнаа темпо, бргу стигнаа до сигурна предност, која во ниту еден момент не беше загрозена од страна на норвешкиот претставник, кој не можеше да направи нешто повеќе во овој дуел. Келце во 10 минута водеше со 8:4 и овие четири гола предност беа сосема доволни за да има поголема психолошка предност.
Елверум се обидуваше да се врати во игра, но никако не успеваше да дојде до помала негатива. Избраниците на Талант Душебаев при финишот на првиот дел дојдоа и до пет гола разлика (15:10) и рутински ги одиграа последните минути за на пауза да заминат со активен резултат од 21:17.
Келце до 40 минута одржуваше водство од четири до пет гола разлика, потоа дојде до поголема предност, која на моменти изнесуваше и седум гола разлика, 29:22. Во последниот период дојде до мало опуштање во редовите на домаќините, па така гостите само се доближија на пристојна негатива.
Предводник во победничката екипа беше Артем Каралек со десет погодци. Кај Елверум се истакна репрезентативецот на Србија, Урош Борзаш со шест реализации.