Хрватскиот шампион Загреб денес објави дека е прекината соработката со довчерашниот тренер Ивица Обрван.
Иако пред почетокот на новата натпреварувачка сезона, раководството на „плинарите“ и екс селекторот на Македонија се договорија на нов двегодишен договор, сепак Обрван предвреме го напушта кормилото на најтрофејниот хрватски клуб.
До прекин на договорот, односно соработката, дојде откако клубот во првите осум кола од Лига на шампионите не успеа да ја оствари зацртаната цел, забележа само една победа и едно реми.
Ракометарите на Загреб на претходниот натпревар, против Динамо Букурешт, ја имаа победата во свои раце, но не успеаја да го совладаат романскиот шампион и со гол од пенал во последната секунда беа поразени.
Обрван во Загреб направи камбек во текот на месец февруари, 2021 година, а во својата тренерска кариера ги предводеше и Шамбери, Медвешчак, Горење Велење и Метковиќ. Во периодот од 2010 до 2012 година исто така беше тренер на Загреб.
На следните натпревари тимот ќе биде предводен од двајцата помошни тренери Тончи Валчиќ и Денис Шпољариќ.