Данскиот шампион Оденсе, кој во минатата сезона не успеа да обезбеди пласман на Ф4 турнирот од ЛШ, откако во четвртфиналето беше елиминиран од Брест Бретањ, соопшти дека ги продолжи договорите со голманката Алтеа Рајнхард и левиот бек Миа Хојлунд.
Рајнхард, која е прв избор на голманската позиција, а воедно и репрезентативка на Данска, во тимот на Оденсе ќе остане до јуни, 2026 година. 26 годишната голманка во Оденсе настапува уште од 2016 година и со тимот двапати успеа да ја освои титулата во шампионатот на Данска.
На Светското младинско првенство во 2014, кое се одржуваше во Македонија, Рајнхард беше една од најдобрите голманки на младинскиот Мундијал и со младинската селекција на Данска стигна до бронзен медал.
Освен Рајнхард, договорот го продолжи и левиот бек Миа Хојлунд. Искусната ракометарка дресот на Оденсе го носи од 2017 година и во понатамошниот тек од сезоната ќе добие поголема минутажа на својата позиција, бидеќи Луис Абинг и Ноеми Хафра ќе отсуствуваат одреден временски период, поради бременост, односно повреда.